Екологија и животна средина

ЕКОЛОГИЈА И ЖИВОТНА СРЕДИНА

Следејќи ги светските трендови, но и домашниот пазар на труд, Еколошката насока на Институтот за биологија се трансформира во  Екологија и животна средина, при што преминува во модерна и прогресивна тригодишна студентска програма за додипломски студии (шест семестри, 180 ЕКТС, степен VI/Б). На овој начин, оваа насока станува единствената насока на Институтот за биологија што за прв пат применува систем на студирање 3+2 (тригодишни студии за прв циклус и двогодишни студии за втор циклус) како што е пракса во најголем дел од европските универзитети.


Што претставува екологијата, а што животната средина?

На нашето поднебје неретко се прави конфузија околу овие два термини. Од оваа причина новата акредитација на Еколошката насока добива ново име: Екологија и животна средина. Покрај симболиката во терминолошкото разграничување, студентите на оваа насока доколку одлучат да го продолжат своето формално образование, на втор циклус студии можат да се насочат кон модул Екологија или кон модул Животна средина. Ова значи дека во додипломскиот студиум опфатени се предмети во кои се вклучени теми од двете широки области и на овој начин дипломираните еколози стекнуваат разнообразие од знаења и вештини кои се апликативни во повеќе сектори на пазарот на труд.

Во минатото, фундаменталното знаење за екологијата – интеракциите помеѓу организмите – биле знаења кои често значеле преживување. Па така, без основните познавања зошто некои животни се исхрануваат на определено место или зошто некои овошја растат на друго место, нашите предци не би успеале да преживеат и да еволуираат. Покрај взаемните врски меѓу живите организми, екологијата како наука ги изучува и интеракциите меѓу живите организми и нивната животна средина. Екологијата е интердисциплинарна, многу комплексна наука која применува знаења, техники и методи од повеќе науки, со цел да одговори на прашањата: како еден вид преживува во средината во која живее?... како една популација егзистира и кои се нејзините интеракции со други популации или пак предатори?... како компонентите на живата материја (продуценти, конзументи и редуценти) се однесуваат во еден екосистем во кој има одредена размена на енергија и материја?... како екосистемите комуницираат меѓу себе?... дали спецификите на пределот ја објаснуваат интеракцијата на природата со човекот во неа? Сите овие прашања, и уште повеќе може да се доведат на едно фундаментално еколошко прашање: како функционира природата? Насоката за Екологија и животна средина на Институтот за биологија на студентите им нуди не само синтеза на различните еколошки сфери, туку и практично искуство на докажани професори – еколози кои својата професионална кариера ја посветиле на еколошки истражувања во државата.

Човекот не е пасивен набљудувач на природата туку претставува интегриран дел од екосистемите. Со развојот на технологијата и растот на човековата популација, во последните децении човекот значително придонесува кон промена на животната средина. Најчесто и најинтензивно се негативни промени како: трансформација на земјиште (од природни во антропогени екосистеми како градови, земјоделски површини и сл.), зголемување на азотните оксиди и јаглеродниот диоксид во атмосферата преку индустриски процеси и согорување на фосилни горива, загадување на почвите и водите, продуцирање и депонирање на неразградлив (тешко разградлив) отпад, прекумерно искористување на природните ресурси (особено од шумски екосистеми) итн. Науката за животната средина ги изучува ваквите влијанија на човекот во природата и се обидува да понуди методи и решенија за справување со овие негативни промени. Ова го прави на интердисциплинарен начин, преку апликативност од различни професионални профили: еколози, инженери, биолози, хемичари, правници, технолози, географи, архитекти, урбанисти, агрономи, ветеринари, лекари, психолози итн. Сепак, прашањето што се поставува тука е доколку во науката за животната средина може да придонесат профил на професии од многу различни и далечни области, зошто оваа проблематика да се студира токму на студиите по Екологија и животна средина на Институтот за биологија? Изучувајќи ги еколошките принципи, тоа што на дипломираните еколози им дава предност пред сите останати професионални профили е познавањето на живиот свет и познавањето на интеракциите меѓу живите организми и животната средина. На овој начин, дипломираните еколози стекнуваат знаења кои најефективно помагаат вистински да се разберат овие негативни влијанија и промени, а со тоа да се креираат правилни решенија и политики за заштита на животната средина.

 

Што е работата на еден дипломиран еколог?

Постојано слушаме за аерозагадувањето, за загрозеноста на балканскиот рис и мршојадците, за проблемите со отпадот, за исчезнувањето на значајни и ретки видови, за потребата од прогласување на нови заштитени подрачја.  Пред сите овие предизвици, секој заборава да го постави прашањето: кој всушност ја зачувува и штити природата во Македонија? Кој ги решава проблемите во животната средина? Во моментов, во Македонија постои сериозен недостиг на еколози, а од друга страна потребите за вработување на еколозите сè повеќе се зголемуваат. Насоката Екологија и животна средина на Институтот за биологија има за цел да продуцира кадар со способности за широк диверзитет на потенцијални работни места. Со оглед на брзината со која се случуваат негативните промени во животната средина, неопходно е што поголем број на млади луѓе да бидат изградени во професионалци кои ќе ги изучуваат природните процеси, но и ќе нудат решенија за негативните промени.

Дипломираниот еколог во текот на студиите се стекнува не само со теоретско туку и со практично искуство. Соработката на Институтот за биологија со многу организации, институции како и учество во научно-апликативни проекти, овозможува остварување на лабораториска, теренска и апликативна работа на студентите по Екологија и животна средина. На овој начин, дипломираниот еколог покрај знаењата, има можност да стекне и мрежа на контакти која значително го олеснува понатамошното кариерно напредување. Па така, дипломирани еколози се водечки носители на работни задачи во области на еколошки консалтинг, спроведување на студии за влијание врз животната средина, еколошки организации, министерства, заштитени подрачја, истражување, образование, мониторинг на природата, итн. Всушност, насоката Екологија и животна средина нуди способности за еден млад човек за многу разновидни работни места и на овој начин се намалува нивната меѓусебна конкурентност. Оваа широка апликативност на знаења во понатамошните кариерни патишта ја прави насоката за Екологија и животна средина уникатна, во споредба со сите останати насоки на Институтот за биологија. Потребите за еколози во следните неколку години драстично ќе се зголемат заради неминовните процеси на европска интеграција на нашата држава и сè поголемиот фокус на нашето општество кон екологијата и животната средина.

За успешноста на дипломираните еколози говори и фактот што речиси и да нема дипломиран еколог кој е невработен или кој работи друга професија. За жал нивниот број е многу мал. Заложбите на Институтот за биологија се подетално информирање на младите за оваа област од биологијата и конечно привлекување на повеќе млади луѓе кои би имале големи перспективи во ова поле во државата, но и надвор од неа.

Повеќе информации за студиската програма Екологија и животна средина може да прочитате во:

 Студии - Прв циклус (додипломски студии) - Екологија и животна средина (акредитација 2022 год.)


more











© 2024. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.