Д-р Миховил ГРАЧАНИН (1901–1983 г.), редовен професор, е роден на 11 мај 1901 г. во Скелани на Дрина. Основното и средното образование ги завршил во Сараево. Во 1919 г. се запишал на Високата земјоделска школа, на Високата техничка школа во Прага (апсолвирал во 1923 г.), а во 1921/22 г. се запишал на ПМФ на Карловиот универзитет во Прага, каде што се посветил на студирање ботаника (специјалност – физиологијата на растенијата), потоа на органската и физичката хемија. Врз основа на дисертацијата „Некои забележувања за дејството на ZnC04 врз текот на различните физиолошки процеси во растителниот организам“ и докторскиот испит по ботаника, органска и физичка хемија, во 1925 г. е промовиран за доктор по природни науки на Карловиот универзитет во Прага. Во 1924 г. стапува на работа во Биохемискиот институт во Прага, а истовремено работи и на ензиматски студии во Институтот за растителна физиологија. Во Биохемискиот институт ги изучува методите на хемиските и микробиолошките испитувања на почвите. Во 1926 г., по покана на Министерството за земјоделство во Белград, ја прима должноста шеф на Агрохемискиот оддел на тамошната Земјоделска станица. Потоа минува во Земјоделската станица во Осијек, а кон крајот на 1927 г. станува асистент на Земјоделско-шумарскиот факултет во Загреб, каде што му се доверени предавања од педологија. Тој е управител на Заводот за педологија, а во 1930 г. го основа Лабораториумот за исхрана на растенијата, прв институт од ваков вид во Југославија. Како редовен професор на Универзитетот во Загреб останува сè до 1952 г., кога се пензионира. Во 1955 г., по покана на Филозофскиот факултет во Скопје, ја прима должноста редовен професор по физиологија и екологија на растенијата. Научната активност на д-р Грачанин се развива во две насоки: физиолошко-еколошка и педолошка. Како животно дело на д-р Грачанин треба да се спомне текстот „Педологија“ во три дела (I Генеза на почвите, II Физиографија на почвите и III Систематика на почвите), печатен меѓу 1946 и 1951 г., како и учебникот „Вовед во екологијата на растенијата“, печатен во 1977 г. Во странски и домашни списанија, д-р Грачанин има објавено повеќе од 100 научни трудови и голем број стручни и популарни прикази. Д-р Грачанин во Македонија организира физиолошка и еколошка лабораторија во рамките на Ботаничкиот институт при ПМФ. Од 1959 г. е шеф на Катедрата по биологија, а во 1961 г. е наименуван и за раководител на Ботаничкиот институт. Од 1955 г. е директор на Ботаничката градина при ПМФ, сè до своето пензионирање. Во 1956 г. бил визитинг-професор на ПМФ во Хамбург. Држел предавања (1960 г.) и во Хановер и во Берлин. Во 1932 г. е избран за член на Масариковата академија во Прага, во 1936 г. за дописен член на Чехословачката земјоделска академија, а во 1940 г. за дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб. Почина на 82-годишна возраст во Загреб.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |