In memoriam д-р Љупчо Групче

Предмети



Биографија

Д-р Љупчо ГРУПЧЕ (1927–2026 г.), редовен професор, е роден во Охрид на 31 декември 1927 г., каде ги завршил основното и гимназиското образование. Во 1946 г. се запишал на групата биологија на првоотворената високообразовна институција во Р. Македонија – Филозофскиот факултет. Студиите ги завршил во 1951 г. и истата година е избран за асистент на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија на ПМФ. Уште како студент, во 1947 г., тој и колешката Радмила Војдановска стануваат први демонстратори што проф. Б. Китанов ги вклучува во водењето на практичната настава по ботаника: анатомија на растенијата, систематика на нижите растенија и систематика на вишите растенија. Практичната настава ја изведуваат како за студентите биолози, така и за студентите агрономи, студентите на Вишата педагошка школа во Скопје, а исто така и за студентите медицинари. Со проф. Б. Китанов учествува во организирањето на првиот хербариум на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија и во првите научни истражувања на флората во Македонија. Како лаборант-демонстратор и асистент, прв ги изработува микроскопските препарати по анатомија на растенијата. Во соработка со д-р Роко Вуковиќ ги организира првите практични вежби по физиологија на растенијата. По доаѓањето на д-р Миховил Грачанин во 1955 г. во Скопје, учествува во организирањето и на првата лабораторија по екологија на растенијата и во организацијата на практична настава по екологија. Докторирал во 1961 г. на тема „Екологија на својствените видови во низинските ливади во Скопска Котлина“. Во 1962 г. е избран за доцент, во 1967 г. за вонреден професор, а во 1972 г. за редовен професор по екологија на растенијата. На специјализација бил во Институтот по физиологија и Ботаничкиот институт „Комаров“ при Академијата на науките на СССР во тогашен Ленинград. Бил раководител на Ботаничкиот завод, шеф на Институтот за биологија и декан на Биолошкиот факултет на ПМФ. Учествувал со реферати на сите организирани еколошки и биолошки конгреси на Југославија, а IV конгрес на еколозите на СФРЈ и V конгрес на биолозите на СФРЈ ги организирал во Охрид (1986 и 1988 г.). Во повеќе мандати бил претседател на Македонското еколошко друштво (порано Друштво на еколозите на Македонија), во чија организација се реализирани повеќе научни актуелни трибини со тематика од екологијата и заштитата на животната средина во Македонија. Бил член на Југословенската комисија за соработка со УНЕСКО и претседател на програмата на УНЕСКО – МАБ за Југославија. Во 1979/80 г. го организира првиот стационар за научни комплексни истражувања во дабовите екосистеми во Националниот парк „Галичица“. На стационарот е реализиран и првиот летен практикум за студентите биолози по екологија на растенијата. Од страна на учесниците на IV конгрес на еколозите на Југославија, кои го посетија стационарот, добиени се признанија за неговата организација и постигнатите научни резултати за екологијата на дабовите екосистеми. Публикувал повеќе од 50 научни трудови и изработил повеќе од 10 научни студии за заштита на животната средина во Р. Македонија. Како декан на Биолошкиот факултет ја организирал размената на студенти со Карловиот универзитет од Прага и со Софискиот универзитет, како и научната соработка со Дебрецинскиот универзитет (Катедра за екологија) и со Ботаничкиот институт при Јагелонскиот универзитет од Краков, Полска.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.