Д-р Александар ДИМОВСКИ (1928–2005 г.), редовен професор, е роден на 1 март 1928 г. во Охрид, каде што ги завршил основното и средното образование. Во 1946 г. се запишал на групата биологија на Филозофскиот факултет во Скопје (индекс бр. 1 на Скопскиот универзитет). Студиите ги завршил во редовниот рок со одличен успех. За време на студирањето, три години бил ангажиран како демонстратор, а по дипломирањето, во 1951 г., бил избран за асистент на Зоолошкиот завод. Во 1960 г. ја одбранил својата докторска дисертација. Во 1961 г. бил избран за доцент, во 1966 г. за вонреден професор, а во 1971 г. за редовен професор, а во тоа звање е пензиониран на 30 септември 1988 г. Како прв демонстратор и асистент на Зоолошкиот завод, од самиот почеток бил ангажиран во организирањето на Заводот за нормално изведување на наставниот процес (организирање и изведување на практикумите во повеќе зоолошки дисциплини, уредување на лабораториите и вежбалниците, набавка на опрема и други неопходни материјали, изработка на микроскопски и други препарати, уредување на библиотеката). Како наставник има организирано и изведувано настава по предметите зоологија на ’рбетните животни, споредбена анатомија и анатомија на човекот. Како плод на својата наставна дејност има изработено Определител на ’рбетниците во Македонија, објавено два универзитетски учебници (Анатомија на човекот и Зоологија на рбетните животни) и еден практикум, како и два средношколски учебници (во едниот од нив е коавтор). Престојувал на специјализација повеќе од 12 месеци во Белград (Биолошки институт на САНУ и Зоолошки завод на ПМФ) и 3 месеци во Бјаловјежа (Полска) во Институтот за проучување цицачи. Како научен работник се занимава со проучување на најголемиот дел од ’рбетниците во Македонија, односно: (1) со разрешување на проблематиката од областа на биогеографијата и екологијата на терестричните екосистеми, (2) решавање низа фаунистички проблеми преку систематско собирање и анализирање на рибите, водоземците, влечугите и птиците. Публикувал 54 научни и 4 стручни трудови. Учествувал на повеќе меѓународни и домашни конгреси и симпозиуми. Бил ментор на докторски дисертации и магистерски трудови или, пак, учествувал како член во комисии за нивна одбрана. Професорот Димовски бил раководител на Зоолошкиот завод (1965–1967 г.), продекан (1964–1967 г.) и декан (1971–1973 и 1973–1975 г.) на ПМФ, декан на Биолошкиот факултет (1983–1985 г.), како и проректор (1978–1980 г.) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Како активен учесник во севкупниот општествен живот, бил на различни раководни должности во Друштвото на биолозите на Македонија, претседател на Унијата на биолошките научни друштва на Југославија, претседател на Одборот за Наградата „Климент Охридски“, претседател или член на комисии за наградата „11 Октомври“, главен и одговорен уредник или член на редакции на различни биолошки списанија од сојузен и републички карактер, како и претседател или член на совети на работни заедници. Бил добитник на голем број признанија, благодарници, две плакети и Орден на трудот со златен венец. Почина во 2005 г.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |