Д-р Петар ИКОНОМОВ (1915–2004 г.), редовен професор, е роден на 10 април 1915 г. во Скопје, каде што ги завршил основното и средното образование. Студирал биологија на ПМФ во Белград, а дипломирал во 1942 г. на ПМФ во Софија. На почетокот на 1945 г. бил поставен за директор на Природонаучниот музеј на Македонија, должност на која се наоѓал сè до 1958 г. Кон крајот на 1946 г. бил избран за наставник на групата биологија на новоотворениот Филозофски факултет (подоцна на ПМФ), на кој ги поминал сите степени на звања, започнувајќи од предавач (до 1952 г.), доцент (до 1960 г.), вонреден професор (до 1965 г.) и редовен професор, звање со кое заминал во пензија во 1981 г. Својата докторска дисертација ја одбранил во 1959 г. Организациските зафати и нивната реализација претставуваат едни од првите активности на професорот Икономов. Бил вистински пионер во сите иницијативи што ги преземал, бидејќи секогаш тргнувал од ново и бил соочуван со решавање многубројни кадровски, материјални и технички проблеми. Огромен е придонесот на професор Икономов во организирањето и функционирањето на Природонаучниот музеј и на Зоолошкиот завод на ПМФ и во решавањето на неговите кадровски проблеми. Тој избрал и оформил талентирани и самопрегорни соработници што успеаја Музејот да го развијат во една од најзначајните институции од овој вид во Југославија. Во својство на главен и одговорен уредник на музејските списанија од 1957 до 1968 г., тој видно придонесол за афирмацијата на Музејот. Како раководител на Зоолошкиот завод од неговото основање во 1946 г., па сè до 1965 г., има примарна улога во организирањето на наставата и практикумите на различните зоолошки дисциплини и во оспособувањето соодветни кадри за нив. Така, Заводот, кој започна да функционира само со еден човек, во времето на неговото пензионирање располагаше со 6 наставници и 4 асистенти. Како наставник изведувал настава по повеќе предмети за студентите по биологија: систематика и морфологија на Invertebrata, систематика и морфологија на Vertebrata, анимална екологија со зоогеографија и органска еволуција. Извесно време предавал и општа зоологија на студентите од Земјоделско-шумарскиот факултет, а од 1965 сè до 1974 г. предава општа биологија на студентите од Медицинскиот и од Стоматолошкиот факултет. Објавил еден универзитетски учебник (Органска еволуција) и коавтор е на еден средношколски учебник. Како научен работник, д-р Икономов се занимава со проучување на систематиката, екологијата, распространувањето и зоогеографската припадност на Ephemeroptera и Plecoptera, како значајни компоненти на денешната фауна на Македонија. Публикувал повеќе од 45 научни трудови. Сè до неговото пензионирање бил член на различни комисии од областа на науката, образованието и културата, како од републички, така и од сојузен карактер, како и главен уредник или член на редакции на поголем број списанија во Р. Македонија. За својата мошне активна и плодна дејност, покрај голем број признанија и благодарници, бил одликуван со Орден на трудот со златен венец, Орден заслуги за народ со сребрени зраци, Орден на трудот со црвено знаме, а добитник е на плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на наградата „11 Октомври“ за животно дело. Почина во 2004 г.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |