In memoriam д-р Ристо Коцарев

Предмети



Биографија

Д-р Ристо КОЦАРЕВ (1925–2011 г.), редовен професор, е роден во 1925 г. во Охрид. Основно и средно образование завршува во родното место. Во учебната 1944/45 г. работи како учител во Охридско, а потоа до есента 1946 г. како службеник во Околискиот суд во Охрид. Истата година се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје на Природно-математичкиот оддел – група биологија, каде што дипломирал во 1951 г. Во текот на студиите, како одличен студент, бил ангажиран најпрво како лаборант, а есента 1947 г. како асистент-приправник на Заводот за физиологија при Катедрата за биологија. Веднаш по дипломирањето, во 1951 г. е назначен за асистент на Катедрата за биологија за предметите биохемија и физиологија. Трипати престојувал на специјализација во Физиолошкиот завод на ПМФ во Белград кај академик Иван Ѓаја, каде што соработувал со академик Стефан Ѓелинео и академик Радослав Анѓус. Како стипендист на Универзитетот во Нанси, во 1956/57 г. престојувал во лабораторијата за физиологија при Медицинскиот факултет во Нанси, Франција, кај проф. д-р Claude Franck, каде што соработувал со проф. д-р Piere Arnould и проф. д-р Maurice Lamarche. Во 1965 г. на ПМФ во Скопје ја одбранува докторската дисертација под наслов „Прилог кон физиолошко-биохемиското проучување на механизмот на дејствувањето на алкалоидите од Peganum harmala L.“ под менторство на академик Радослав Анѓус. Истата година е избран за доцент, во 1970 г. за вонреден професор, а во 1975 г. за редовен професор по предметот биохемија. По отворањето на новата бихемиско-физиолошка насока во учебната 1981/82 г. изведува настава уште по две нови дисциплини: споредбена биохемија и одбрани поглавја од биохемија. Учествува и во наставата на постдипломските студии, како на Природно-математичкиот, така и на Медицинскиот факултет во Скопје. Научноистражувачката работа на професорот Коцарев е од областа на физиологијата, биохемијата и фармакологијата. Резултатите од неговите истражувања се презентирани на разни научни собири, симпозиуми и конгреси и објавени се во списанија во земјата и во странство. Централно место во овие истражувања зазема проблемот на дејството на алкалоидите од Peganum harmala L., како и физиологијата и биохемијата на стресните состојби. Од овие проблематики се изработени и одбранети еден магистерски труд и една докторска теза. Проф. Коцарев е одликуван со Орден заслуги за народ со сребрени зраци и Орден на трудот со златен венец. Има добиено плакета на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, плакета (со повелба) од ПМФ во Скопје, како и повеќе благодарници и признанија.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.