In memoriam д-р Мирко Спасеноски

Предмети



Биографија

Д-р Мирко СПАСЕНОСКИ (1944-2021), редовен професор, е роден на 20.1.1944 г. во с. Староец, Кичевско. Основното образование го завршил во Кичево, а средното во Битола. Д-р Спасеноски дипломирал во 1967 г. на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје. Магистерскиот труд под наслов „Испитивање утицаја црвене светлости на ауксине и слободне аминокиселине у стаблу грашка“ го одбранил во 1975 г. на ПМФ на Универзитетот во Белград, Србија. Докторската дисертација под наслов: „Утицај хормона на органогенезу и регенерацију биљака из делова вегетативних органа Actinidia chinensis Planch. гајених ин витро“ ја одбранил во 1983 г. на ПМФ на Универзитетот во Белград, Србија. Во периодот од 1967 до 1971 г. работел како професор по биологија во гимназијата „Панче Поповски“ и економското училиште „Чеде Филиповски“ во Гостивар. Во 1971 г., проф. д-р Спасеноски бил избран за асистент на Ботаничкиот завод на Биолошкиот факултет во Скопје. Во 1981 г. бил избран за предавач, а во 1984 г. за доцент на Биолошкиот Факултет. Во 1989 г., избран е за вонреден професор, а во 1994 г. за редовен професор на Институтот за биологија при ПМФ. Во 2000 г. бил повторно избран за редовен професор и од 2009 г. е во пензија. Проф. Спасеноски бил вклучен во реализација на наставните програми од првиот и вториот циклус на студии по биологија при Факултетот по група предмети од областа на растителна физиологија, физиологија на развиток на растенијата со култура на ткиво, молекуларна биологија на растенијата, како и методика во наставата по биологија со хоспитации. Проф. д-р Спасеноски е автор на три универзитетски рецензирани учебници: „Методика на наставата по биологија“, „Физиологија на растенијата“ и „Микропропагација на растенијата: култивирање на растителни клетки и ткива во in vitro услови“ наменети за студентите по биологија и други сродни дисциплини. Главното подрачје на научен интерес на проф. д-р Спасеноски биле истражувањата за влијанието на растителните хормони врз регенеративниот капацитет на растителни култури во in vitro услови, како и влијанието на тешките метали врз биохемиско-физиолошките процеси кај растенијата. Под менторство на д-р Сапсеноски биле одбранети 114 дипломски работи, 15 магистерски труда и 6 докторски дисертации. Проф. Спасеноски учествувал во реализацијата на 10 научноистражувачки проекти (2 меѓународни и 8 домашни), а на 4 од нив бил раководител. Резултатите од научноистражувачката работа ги има објавено во 98 оригинални научни трудови (6 со фактор на влијание), како и презентирано во 84 соопштенија на научни собири од државен и меѓународен карактер. Д-р Спасеноски извршувал повеќе раководни позиции на Факултетот: продекан на Биолошкиот факултет (1979–1981 г. и 1983–1985 г.), раководител на Ботанички завод (1987–1989 г.), в.д. раководител на Ботаничка градина (1989–1993 г.), раководител на Институтот за биологија (1997–1999 г.) и продекан за настава и наука на ПМФ (1999–2001 г.). Д-р Спасеноски бил член на Југословенското друштво за физиологија на растенијата, Меѓународната асоцијација за култура на растителни ткива, Друштвото за физиологија на растенијата на Србија, како и претседател и потпретседател на Друштвото на биолози на Република Македонија. Добитник е на благодарница за придонес во развитокот на ПМФ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Почина во 2021 г.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.