Пензиониран професор д-р Панче Стојановски

Предмети



Биографија

Д-р Панче СТОЈАНОВСКИ, редовен професор во пензија, е роден на 14 јануари 1940 г. во Струмица. Во учебната 1958/59 г. се запишува на ПМФ, група биологија, каде што дипломира во 1963 г. По дипломирањето, една учебна г. работел во гимназијата „Кочо Рацин“ во Свети Николе. Во 1967 г. е избран за стручен соработник при Ботаничкиот завод на ПМФ во Скопје, а малку подоцна и за асистент при истиот завод. Во 1973 г. во Загреб бил промовиран за магистер на биолошките науки по одбраната на магистерската тема „Карактеристики на фитопланктонот на Дојранското Езеро и неговите сезонски осцилации“. Во 1977 г. во Скопје бил промовиран за доктор по биолошките науки по одбраната на докторската дисертација под наслов „Перифитонот на Дојранското Езеро, негов состав и продукција“. Во мај 1977 г. е избран за доцент по предметот општа микробиологија, а во јануари 1983 г. за вонреден професор по истиот предмет. Од учебната 1987/88 г. му е доверена и наставата по предметот систематика и филогенија на нижите растенија, а во 1990 г. бил избран за редовен професор на ПМФ во Скопје по овој предмет. Својата активна наставна кариера професор Стојановски ја завршува во септември 2005 г. Како асистент на ПМФ во Скопје, професор Стојановски бил ангажиран во изведување на практичната настава по предметот систематика и филогенија на нижите растенија, а повремено и по предметите анатомија и морфологија на растенијата и биологија (за студентите на Медицинскиот факултет). Тој за првпат ја организира и ја воведува практичната настава по предметите општа микробиологија и применета микробиологија. Во текот на 1979/80 г. одржувал настава по предметот систематика на нижите растенија на ПМФ во Приштина, а од 1981 г. е ангажиран за одржување на наставата по предметот цитологија на растенијата за студентите на Биолошкиот факултет во Скопје. Д-р Панче Стојановски раководел со изработката на многубројни дипломски работи, бил ментор на пет магистерски трудови и две докторски дисертации, како и коментор на три докторски тези. Научниот опус на д-р Стојановски опфаќа околу 28 години интензивни алголошки истражувања на повеќе стагнантни и истечни водни екосистеми во Македонија, на поранешните југословенски простори и во Европа. Резултатите од овие истражувања ги презентира во повеќе од 50 научни трудови, отпечатени во научни списанија кај нас и во Европа, во повеќе научни соопштенија на домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми. Професор Стојановски раководел со повеќе од 10 научни и стручно-апликативни проекти и беше посебно познат по својата борба за заштита на Дојранското Езеро. Од посебно значење се обидите во два проекти да се определи улогата на дијатомеите во судско-медицинската експертиза на утопувањето. Во текот на својата работа бил раководител на Ботаничкиот завод, претседател на Извршниот одбор на Центарот за биолошко-биотехнички науки при Универзитетот, потпретседател на Друштвото на еколозите на Македонија, генерален секретар на Сојузот на друштвата на биосистематичарите на Југославија, претседател на Извршниот одбор на ПМФ во Скопје, главен и одговорен уредник на списанието Годишен зборник – Биологија при ПМФ во Скопје. Со решение на Владата на Р. Македонија, од 1995 г. д-р Стојановски е именуван за член на Националната комисија за соработка со УНЕСКО.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.