In memoriam д-р Јонче Шапкарев

Предмети



Биографија

Д-р Јонче ШАПКАРЕВ (1926–2008 г.), редовен професор, е роден на 17 септември 1926 г. во с. Велгошти, Охридско. Основно образование го завршил во родното место, а средно во Охрид во 1947 г., кога се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, група биологија. Дипломирал во 1951 г., кога и се вработил како асистент во Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде што од 1954 г. ја вршел и должноста директор. Во 1958 г. бил избран за доцент на Катедрата по биологија на ПМФ во Скопје. Во 1956 г. на Скопскиот универзитет ја одбранил докторската дисертација и станал прв доктор на биолошките науки во Македонија. Триесет години држел настава по предметот инвертебрата, а повеќе години предавал анимална екологија, зоогеографија, органска еволуција и типологија на животни. Неколку години држел настава и во Приштина. Неговата наставна активност е прекината со пензионирањето во 1987 г. Во постдипломската настава, освен на матичниот факултет, активно учествувал и на насоката хидрологија на Сеучилиштето во Загреб, на земјоделските факултети во Скопје и Осијек, како и на Градежниот факултет во Скопје. Во 1975 г., во својство на визитинг-професор, престојувал на Универзитетот од Аризона, САД. Престојувал 9 месеци во Институтот за екологија и биогеографија, како и во Зоолошкиот завод на ПМФ во Белград и имал единаесетмесечна специјализација во Лимнолошката лабораторија при Универзитетот во Висконсин, САД. Одржал предавања на биолошката катедра на Универзитетот во Тирана. Автор или коавтор е на повеќе универзитетски учебници издадени во Скопје и во Белград, како и на поголем број средношколски учебници и на еден за осмо одделение. Објавил над 130 оригинални научни трудови, меѓу кои и две монографии Олигохетите од Охридското Езеро и Фауната на дождовните глисти од Македонија. Неговата активност се одвивала во 4 насоки: биохемиски истражувања на рибите од Охридското Езеро, еколошки истражувања (главно на зообентосот од нашите големи езера и шумските екосистеми), лимнолошки истражувања (на неистечните и делумно на истечните води) и фаунистички и зоогеографски истражувања (главно на олигохети и хирудинеи, при што голем број претставници од овие групи биле за првпат откриени на овие простори, а некои видови биле нови за науката). Неговите пионерски биоценолошки и посебно идиоеколошки истражувања на езерските екосистеми придонеле за нивна добра истраженост. Резултатите од овие истражувања се изнесени во голем број домашни и интернационални научни собири. Д-р Јонче Шапкарев бил организатор на 4 симпозиуми и конгреси на просторите на поранешна Југославија. Бил ментор на повеќе од 15 магистерски работи и на повеќе од 5 докторски дисертации. Меѓу другото, бил член на Педагошкиот совет на Македонија, претседател на Универзитетскиот синдикален одбор, член на Претседателството на Синдикатот од општествените дејности на Р. Македонија, прв претседател на Еколошкото и на Друштвото на биосистематичарите на Р. Македонија, главен уредник на Годишниот зборник на Биолошкиот факултет, раководител на Зоолошкиот завод, шеф на Институтот за биологија и декан на Биолошкиот факултет. За својата научна и друга активност добил повеќе признанија, меѓу кои плакети на ПМФ и на Универзитетот во Скопје. Ги добил наградата „13 Ноември“ и врвната републичка награда „11 Октомври“. Носител е на Орден за труд со златен венец.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.