In memoriam д-р Роко Вуковиќ

Предмети



Биографија

Д-р Роко ВУКОВИЌ (1882–1964 г.), вонреден професор, е роден на 10 март 1882 г. во с. Студенци, околија Имотски, во Далматинска Загора. Основното образование го добил во родното место, а средното образование во Фрањевачката гимназија во Сињ и во Шибеник. Во Макарска завршува теологија, а потоа се запишува на ПМФ на Универзитетот во Лувен, Белгија, студирајќи биолошки науки. Во 1911 г. ги завршува студиите. За време на студиите работи на својата докторска дисертација „Хетерогена профаза и метафаза при Oenothera biennis“, која ја одбранил во 1912 г. Од 1904 до 1907 г. бил наставник во гимназијата во Сињ, а од 1920 до 1923 г. бил професор во Првата машка гимназија во Белград. На Земјоделско-шумарскиот факултет во Земун бил асистент од 1923 до 1932 г. по предметот ботаника, а потоа до 1946 г. повторно бил професор на Првата машка гимназија во Белград. По 37 години активна служба се пензионирал во 1946 г. По заминувањето на проф. Б. Китанов од Скопје во 1948 г., по покана од Деканатот на Факултетот, д-р Вуковиќ во февруари 1949 г. доаѓа во Скопје и прифаќа да помогне во изведувањето на наставата на Факултетот. Како вонреден професор, иако повлечен од активна служба, стоички и упорно настојувал да ги осовремени своите предавања. Неговото големо искуство како наставник го привлекло вниманието на студентите што со големо внимание ги следеле предавањата по ботаничките дисциплини. За време на престојот во Скопје бил раководител на Ботаничкиот завод и шеф на Институтот за биологија. Раководител на Ботаничкиот завод останал сè до своето повторно повлекување од активна служба во 1961 г. И покрај својата зафатеност, наоѓал време и за други активности. Бил прв претседател на Друштвото на биолозите на Македонија и на оваа функција бил избиран неколку години по ред. На годишното собрание одржано во 1959 г., д-р Роко Вуковиќ бил избран за прв почесен член на Друштвото. По пензионирањето, се вратил во Белград, каде што починал на 82-годишна возраст.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.