Д-р Магдалена ЦЕКОВА (1935-2023), вонреден професор, е родена на 17 септември 1935 г. во Жупања (Хрватска). Основно училиште и класична гимназија завршила во Скопје (1954 г.), а потоа се запишала на ПМФ, група биологија. Во 1959 г. дипломирала, а две години подоцна била избрана за асистент на Институтот за биологија на ПМФ во Скопје. Како асистент била задолжена со практичната настава по предметот систематика и филогенија на вишите растенија, а повремено и со практичната настава по анатомија и морфологија на растенијата, како и по систематика на нижите растенија. Во наставно-образовниот процес е вклучена во 1976 г. со предметите фитогеографија со фитоценологија, за студентите по биологија, и ботаника (1977 г.) за студентите од Фармацевтскиот факултет. Во 1986 г. била избрана за доцент на Институтот за биологија, а во 1991 г. за вонреден професор. Научната проблематика на која работи се однесува на флората и вегетацијата на мововите на кои досега мошне малку им се обрнувало внимание. Магистрирала на ПМФ во Загреб, на тема Биофитски истражувања на планината Јакупица (1973 г.), а докторирала на ПМФ во Скопје, на тема „Мовната вегетација во Скопската Котлина“. При флористичките истражувања особено внимание им посветува на новите видови мовови регистрирани на подрачјето на Р. Македонија, за кои има објавено три трудови. Вегетациски ги проучува мововите врз карпите, врз пенушките и стеблата, врз почвата, како и мововите покрај планинските потоци. Почина во 2023 г.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |